Серија дојави за бомби во Европа: Повеќе авиони пренасочени, дел принудно слетале

Свет, Хроника

Повеќе патнички авиони низ Европа денеска биле пренасочени или подложени на вонредни безбедносни проверки поради серија дојави за поставени бомби. Инцидентите предизвикале вознемиреност меѓу патниците и активирање на безбедносните служби во неколку европски земји, пренесуваат светските агенции.

Еден од посериозните инциденти се случил со авион на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим. Поради закана со бомба, авионот бил пренасочен кон воената воздухопловна база Евре, западно од Париз, каде што безбедно слетал. Во леталото имало 151 патник и шест членови на екипажот, кои биле евакуирани на безбедно, додека специјализирани екипи извршиле проверки.

Во Бугарија, три авиони што летале кон Софија биле опфатени со слични закани. Авионите од Копенхаген и Мадрид слетале во Софија, додека летот од Лондон бил пренасочен кон аеродромот во Пловдив.
Дојави за бомби биле пријавени и на летови поврзани со Италија. Авион на „Финер“, кој летал од Хелсинки кон Рим, бил придружуван од италијански воени авиони и безбедно слетал на предвидениот аеродром. Лет на „Виз ер“ од Милано кон Варшава, пак, бил пренасочен кон Виена.

Ова е продолжение на серијата закани што го нарушуваат европскиот авиосообраќај во изминатите денови. Во вторникот, најмалку седум авиони биле предмет на безбедносни проверки поради дојави за експлозивни направи. Дел од летовите биле пренасочени, а во некои случаи биле ангажирани и воени авиони. По извршените проверки не биле пронајдени експлозивни направи.