Општина Битола: Промовиран филм за музичкото наследство на Ајри Демировски
Документарниот филм „Битола, мој роден крај“, посветен на животот, творештвото и споменот на Ајри Демировски, синоќа беше промовиран во рамките на програмата „Сите бои на сеќавањето“, со која се одбележува Денот на ослободувањето на Битола.

На промоцијата присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски, информираат од Општина Битола.
Автори на документарецот се Шенол Мемиш и Дејан Младеновиќ. Преку филмот тие ја раскажуваат приказната за Демировски, неговите вредности и љубовта кон родниот град.

Според авторите, Демировски компонирал повеќе од педесет песни, а најпрепознатлив останува по „Битола, мој роден крај“, песната чие име го носи и документарниот филм.
Промоцијата е дел од празничните настани што ги поврзуваат сеќавањата на Битола со луѓето кои оставиле белег во нејзиниот културен живот.
