Драматично меѓу Русите во Србија – стечајот на „Алта банка“ ги фрли во очај

Балкан, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

На 30 октомври, Централната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“, која е една од ретките локални банки каде што Русите можеа релативно лесно да отворат сметка. Сметките на клиентите се замрзнати. Многумина таму ги чувале парите добиени од продажба на имот во Русија, додека други преку сметките во „Алта банка“ ги примале своите плати. Властите ветија дека ќе вратат до 50.000 евра од изгубените депозити. Што ќе се случи со остатокот од парите, останува нејасно.

Рускиот независен портал „Медуза“, разговараше со погодените Руси, меѓу кои има и бизнисмени кои ги користеле сметките во „Алта банка“ за своите бизниси, за тоа како затворањето на банката ќе влијае врз нивните животи.

Паника кај Србите, но и кај Русите

Антон, ИТ експерт кој се преселил во Србија со своето семејство, чувал околу 70.000 евра во „Алта банка“ од продажбата на стан во Московската област. Постепено ги префрлувале парите од Казахстан, а последната уплата ја извршиле само четири дена пред затворањето на банката.

Кога дознале што се случило, веднаш се обиделе да ги подигнат парите.

„Отидовме до банкоматот, но не работеше. Потоа отидовме во филијалата. По половина час, се појави вработен и рече дека филијалата не се отвора. Апликацијата не работела. Не можевме да подигнеме или да префрлиме пари“, рекол тој.

Семејството размислувало за купување недвижен имот во Србија, но сега не знаат кога повторно ќе можат да располагаат со своите заштеди.

„Секако дека бевме многу вознемирени. На почетокот имаше паника. Во редот пред банката сретнавме луѓе чија ситуација е многу полоша од нашата. Некои ги чувале сите свои пари таму“, рекол Антон.

Неговото семејство има заштеди во други банки, но планираат да побараат правна помош за да се обидат да го вратат износот што го надминува осигурениот депозит.

„Имам пари за уште два дена живот“

Ситуацијата е особено тешка за руските емигранти за кои „Алта банка“ беше единствената врска со меѓународниот систем за плаќање.

Артјом, поранешен фоторепортер кој сега живее во Црна Гора и предава фотографија преку Интернет, користел картичка од „Алта банка“ за да подигне пари заработени преку PayPal. По затворањето на банката, тој останал без пристап до своите приходи.

„Моите пари не се во банка, туку во PayPal, но сега не можам да ги користам. Да знаев што ќе се случи, ќе повлечев барем неколку стотици евра за секојдневните потреби, за училишните оброци на мојата ќерка, продавницата за храна и курс по јазик. Сега ќе морам да позајмувам од познаници“, рече тој.

Артјим истакнува дека неговиот проблем не е само готовината, бидејќи без банкарска картичка не може ниту да плати за интернет услуги.

„Имам храна во фрижидер уште два дена. Толку време имам да најдам начин да ги добијам парите“, рече тој.

Руските претприемачи имаат слични проблеми. Дмитриј, кој се обидува да започне независен бизнис во Србија, само еден ден пред затворањето на банката, ја презеде документацијата за новоотворената деловна сметка. Сега мора да најде друга банка што ќе му овозможи легално да работи, што е особено тешко за руските граѓани без соодветни дозволи за престој.

Борис, кој се пресели во Србија во текот на летото, исто така чуваше пари од продажбата на недвижен имот во Русија во „Алта банка“. Неговите заштеди го надминуваат ограничувањето за осигурување на депозити од 50.000 евра.

„Го продадов имотот, парите пристигнаа на сметката и потоа се случи ова. Првата реакција беше вознемиреност, шок и неверица“, рече тој.

Проблемите ги погодија и компаниите што ја користеа „Алта банка“ за исплата на плати, плаќање даноци и подмирување на деловните обврски. Руска претприемачка за Медуза вели дека нејзината компанија сега итно треба да отвори нови сметки за да продолжи нормално да работи.

„Некои имаат блокирани 180.000 евра, но требало да купат стан“

Аполинарија, директорка на организацијата за човекови права „Слобода и закон“, им помага на руските граѓани чии сметки се блокирани.

Според неа, некои емигранти чувале помеѓу 50.000 и 180.000 евра во Алта банка.

„Видов случај на луѓе кои имале 180.000 евра на сметката. Требало да купат стан во среда. Можете да замислите во каква ситуација се сега. Тоа е сè што заштедиле во текот на животот, парите од продадениот стан и автомобил, и никој не знае кога ќе им бидат вратени“, рече таа.

Таа спомена и жена која ја примила платата преку „Алта банка“, а по нејзиното затворање, ѝ останале само 3.000 динари во готово, односно помалку од 30 евра.

„Во моментов има паника и хистерија кај сите групи“, го опиша таа расположението меѓу засегнатите клиенти.

Нејзината организација, заедно со адвокати, подготвува барања до српските институции. Тие бараат јасни рокови за враќање на парите, информации за постапката за плаќање за странски државјани и можност за веднаш отворање сметки во други банки.