Божиновска: Поевтина струја од ЕСМ, конечниот збор за горивата го има Регулаторна
Производството на електрична енергија е стабилно, а ЕСМ обезбедува сигурно снабдување по пониски продажни цени, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на саемот „Енерго Технома 2026“, пренесува „Вечер“.
Според Божиновска, електричната енергија сега се продава по 65 евра за мегават-час, наспроти над 135 евра во периодот кога актуелната Влада ја презела функцијата. Таа нагласи дека преку ЕСМ се преземаат активности за заштита на стандардот на граѓаните.
Во однос на горивата, министерката повика да се почека одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, која се очекува в понеделник. Посочи дека пресметките и барањата на компаниите не значат автоматска промена на малопродажните цени.
„РКЕ ќе одлучи каков ќе биде крајниот исход. Да ја почекаме одлуката на Регулаторна“, рече Божиновска.
Таа истакна дека меѓународните берзи, понудата и побарувачката, како и геополитичките случувања, влијаат врз цените на енергенсите. Потсети на мерките за намалување на акцизите и ДДВ, како и на попустите што ги понудила ОКТА. Според неа, актуелниот попуст ќе важи до следната недела, по што ќе се разгледуваат следните чекори.
За снабдувањето со природен гас, Божиновска информираше дека ЕСМ има обезбедено количества за ноември и води преговори за подолгорочно снабдување по поконкурентни цени. Можноста за субвенции, додаде таа, ќе се разгледува во зависност од финансиските импликации.
Министерката порача и дека политичките случувања во Србија нема да ја нарушат динамиката на планираните гасни проекти.
Според роковите што ги наведе, интерконекторот со Грција треба да биде завршен околу јуни 2027 година, додека целосното завршување на делницата кон северната граница е планирано за 2028 година. Божиновска нагласи дека засега нема поместување на предвидените рокови.
