Синодот ја потврди посетата на Москва: Георгиј и Климент во официјалната делегација на МПЦ-ОА

Македонија, РЕЛИГИЈА

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја потврди посетата на Москва, за која „Религија.мк“ ексклузивно објави минатата недела. За официјални претставници на МПЦ-ОА во посетата на Руската православна црква се определени митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и секретарот на Синодот, епископот Хераклејски Климент.

Со ова, Синодот официјално го потврди составот на делегацијата што ќе отпатува во Москва, каде што на 20 ноември ќе се одбележи 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил.

Особено внимание привлекува фактот што во делегацијата не е митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, кој е претседател на Комисијата за надворешни работи на МПЦ-ОА.

Како што објави „Религија.мк“ на 21 октомври, станува збор за официјална црковна делегација, делегирана од архиепископот Стефан.

Минатата година, митрополитот Петар и епископот Никола престојуваа во Москва, но, според информациите со кои располагаше „Религија.мк“, тогашното патување било од приватен карактер, за разлика од претстојната посета, која е официјално одобрена од Синодот.