ОД СТАРА ВОЕНА ПИСТА ПРАВО КОН ЅВЕЗДИТЕ: БУГАРИЈА ПЛАНИРА ВСЕЛЕНСКИ ЦЕНТАР, ЗЕМЈАТА ОЧИГЛЕДНО Ѝ СТАНА ПРЕТЕСНА!
Бугарија планира да инвестира 100 милиони евра во изградба на високотехнолошки индустриски парк и истражувачки центар за вселенски и одбранбени технологии во близина на Софија. Проектот предвидува трансформација на поранешната воена воздухопловна база Доброславци во современ индустриски комплекс, објави SeeNews.
Бугарската влада во средата, 28 октомври, одобри меморандум за соработка со компанијата „Старбејс Јуроп“ (Starbase Europe), која треба да го реализира проектот. Планираната инвестиција изнесува 100 милиони евра, а комплексот ќе биде наменет за развој на вселенска технологија, одбранбени системи и високотехнолошко производство.
Проектот предвидува изградба на производствени капацитети, истражувачки лаборатории и инфраструктура за развој на технологии со двојна намена, кои можат да се користат во цивилната и во одбранбената индустрија.
Во развојот на комплексот е вклучена и бугарската компанија „ЕндуроСат“ (EnduroSat), специјализирана за производство на сателити и вселенска инфраструктура. Според претходните најави на компанијата, поранешниот воен аеродром зафаќа површина од околу три милиони квадратни метри и треба да овозможи сериско производство на сателитски системи.
Бугарските власти го третираат проектот како приоритетна инвестиција, со цел привлекување технолошки компании, развој на домашната индустрија и создавање висококвалификувани работни места.
Засега не се објавени конкретни рокови за завршување на изградбата, ниту бројот на работни места што би биле отворени. Одобрениот меморандум претставува чекор кон реализација на инвестицијата, додека нејзината конечна реализација допрва треба да се потврди.
