Денес се слави Св. Петка, која штити од неплодност и болести – Кои се обичаите кај нас?

Дали Знаете, РЕЛИГИЈА

На 27-ми октомври, верниците од цела Македонија го слават денот посветен на Света Петка или познат како Петковден. Народот верува дека оваа светица ги чува луѓето од несреќи како суша, поплави и громови, а жените, пак, ги штити од неплодност.

Христијаните слават три светици со истото име – првата е преподобната маченица Параскева Римјанка, која се празнува на 8-ми август, втората е Света Параскева од Иконија, која се празнува на 10-ти ноември, а на 27-ми октомври се слави Свети Петка Епиватска или Трновска, која е најпозната од трите светици.

Денешниот ден е познат и како Петковден или Црна Света Петка, бидејќи на иконите светицата секогаш била облечена во црно.

Света Петка Епиватска била родена во Епиват, кон крајот на X век, во петок кога Евреите се подготвуваат за празнување на денот Сабат (сабота), па затоа го носи името Параскева, што во превод значи подготовка.

Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка имале и син, Ефтимиј, кој се замонашил и станал епископ Малитски.

По смртта на родителите, девицата Петка, го напуштила родителскиот дом и отишла прво во Цариград, а потоа во јорданската пустина, каде што останала сѐ до својата старост и живеела искушенички живот, со молитви, пост и плач.

Пред смртта ангелот божји ѝ се јавил и ѝ рекол да се врати во родното место и да ја напушти пустината. Таму живеела 2 години, а кога починала, бидејќи жителите на местото не ја познавале, ја погребале надвор од градот како туѓинка.

Неколку години подоцна, кога во градот требало да се погреба телото на некој непознат давеник, жителите го погребале веднаш до телото на светицата.

Кога го отвориле гробот, работниците биле изненадени од тоа што нејзиното тело не е распаднато.

Ноќта по погребот на давеникот, на еден од работниците што го извршувале погребот, му се сонила царица која го прашала зошто така го омаловажиле нејзиното тело и до неа ставиле смрдлив труп, па побарала веднаш да ги извадат нејзините мошти и да ги пренесат на друго место.

Затоа до денес се верува дека Св. Петка се јавува на сон за да даде утеха или предупредување.