Наши сограѓани лани заработиле милиони евра – УЈП откри каде „лежат“ парите

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Управата за јавни приходи ги објави податоците за доходот на граѓаните во 2025 година. Според податоците, највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милион денари, или на месечно ниво тоа е бруто-плата од 188.482 евра.

– Највисоката годишна бруто-плата во 2025 година е исплатена на лице од Скопје. Платата е остварена во дејноста „Вадење на камен јаглен“ – информираше УЈП.

УЈП ја објави и највисоката дивиденда и таа изнесува 252,6 милиони денари (4,1 милион евра), а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари (2,7 милиони евра). Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари (2,6 милиони евра). Најмногу пари од закупнина добил скопјанец – 468.000 евра бруто-доход. Најголем износ од авторски права е околу 398.000 евра, а од индустриска сопственост – околу 134.000 евра. Лани му се посреќило на скопјанец кој добил на игри на среќа околу 815.000 евра.

– Кога станува збор за вкупен доход од сите извори, највисокиот доход во 2025 година изнесува 257,5 милиони денари (4,2 милиони евра н.з.) и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход. Следува граѓанин од Охрид со 254,4 милиони денари – изјави директорката на УЈП Елена Петрова.

УЈП изготвил претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани, со вкупен бруто-доход од речиси 10 милијарди евра, за што е пресметан данок на личен доход од околу 650 милиони евра.

– Најголемата група ја сочинуваат 638 илјади граѓани, односно приближно две третини од даночните обврзници, со годишен бруто-доход од 100 илјади до еден милион денари. Тие остваруваат 55 отсто од вкупниот бруто-доход. Од друга страна, 16 отсто од обврзниците, со доход од еден до десет милиони денари, остваруваат 39 отсто од вкупниот доход – посочи директорката на УЈП.

Таа истакна дека особено внимание привлекува највисокиот доходовен праг. Во 2025 година, 31 граѓанин оствариле годишен доход над 100 милиони денари, односно повеќе од 1,6 милиони евра. Тие заедно оствариле над 80 милиони евра.

– Доходот не се создава само од плата. Оваа разновидност е важна: за правилно да ја разбереме даночната слика на еден граѓанин, не е доволно да го гледаме само неговиот доход од плата. Треба да ги земеме предвид и другите извори, како дивиденди, закупнини, капитални добивки и доход од самостојна дејност – вели Петрова.

Таа посочи дека околу две третини од вкупниот бруто-доход во 2025 година произлегуваат од плати. Пензиите учествуваат со 9,5 проценти, а другите лични примања од работа со 8,2 проценти. Доходот од земјоделски производи и од дивиденди и друг доход од капитал учествува со нешто помалку од 5 проценти, додека добивките од игрите на среќа, закупнините и другите доходи учествуваат со околу 2 проценти.

– Плата оствариле околу 596.000 граѓани, доход од самостојна дејност оствариле 15.000 илјади, а од продажба на сопствени земјоделски производи – 49.000 граѓани. Дивиденди им се исплатени на 33 илјади лица, а 145 илјади оствариле друг доход. Од закупнини доход оствариле околу 33 илјади луѓе – рече Петрова.

Таа сподели и дека најмладиот милионер во денари е дете на 4 години кое од дивиденда од банка добило 1,3 милиони денари, највозрасниот милионер е 97-годишен човек со приход од пензија и други приходи со вкупен годишен износ од 1,1 милион денари.