Проданоски: „ЧЕ ТРЧАМЕ“ беше вистински празник на спортот во Прилеп

Uncategorized, Македонија

Над 1.100 учесници беа дел од годинашното издание на спортската манифестација „ЧЕ ТРЧАМЕ“ во Прилеп. Градоначалникот Дејан Проданоски упати честитки до учесниците и организаторите, оценувајќи дека настанот поминал во атмосфера исполнета со спортски дух, позитивна енергија и заедништво.

„Над 1.100 учесници денеска беа дел од оваа прекрасна спортска приказна, потврдувајќи дека Прилеп е град со големо спортско срце и силен натпреварувачки дух“, истакна Проданоски.

Тој изрази особено задоволство од учеството на голем број деца и млади, нагласувајќи дека ваквите манифестации придонесуваат за прифаќање здрави навики и развивање љубов кон спортот.

Проданоски им се заблагодари на организаторите, волонтерите, спонзорите, институциите и сите што придонеле за реализацијата на настанот, а на учесниците им честиташе за упорноста и покажаниот спортски дух.

Градоначалникот најави дека ќе продолжи поддршката за спортските манифестации и иницијативите што го промовираат Прилеп и придонесуваат за поздрав живот на граѓаните.

„Продолжуваме заедно да создаваме убави приказни! Се гледаме на ‘ЧЕ ТРЧАМЕ 2027’!“, порача Проданоски.