СВЕТСКАТА ОБРАЗОВНА МАПА СО МАКЕДОНСКИ ПОТПИС, СЛАВЈАНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЕДИНСТВЕН ОД МАКЕДОНИЈА НА САМИТОТ ВО ИНДИЈА

Дали Знаете, Македонија

Меѓународниот Славјански Универзитет („МСУ“) продолжува да го зајакнува своето меѓународно академско присуство и да го афирмира македонското високо образование на светската академска сцена. Универзитетот беше единствениот од Македонија што учествуваше на „6th Global Education Summit“ и „International Education Fair ’26“, одржани од 5 до 9 октомври 2026 година во Индија, во организација на престижниот „Chandigarh University“.

На овој значаен меѓународен настан учествуваа повеќе од 90 академски претставници, над 65 странски универзитети и учесници од повеќе од 30 држави, создавајќи можности за размена на искуства, воспоставување нови академски партнерства и унапредување на меѓународната соработка во високото образование.

„МСУ“ беше претставуван од доц. д-р Мартин Ѓорѓиев, генерален секретар на Универзитетот, и Михаела Ѓорчева, македонска претприемачка, академска истражувачка и заменик-претседателка на Управниот одбор на „МСУ“. Нивното учество претставува значајна можност за претставување на капацитетите на Универзитетот пред меѓународната академска заедница и за отворање перспективи за нови соработки.

Фактот што Меѓународниот Славјански Универзитет беше единствениот универзитет од Македонија на овој собир дополнително ја нагласува неговата посветеност на интернационализацијата, развојот на академските врски и активното вклучување во современите светски образовни текови. Ова присуство претставува значаен чекор кон зајакнување на меѓународната препознатливост на Универзитетот и промовирање на македонското високо образование надвор од границите на државата.

Дополнителна тежина на настанот му дава академскиот углед на домаќинот, „Chandigarh University“, кој, според „QS World University Rankings 2027“, се наоѓа на 526. место во светот, додека според „QS Asia University Rankings 2026“ е рангиран на 109. место во Азија.

Учеството на „МСУ“ на ваков меѓународен форум ја потврдува амбицијата на Универзитетот да биде активен чинител во глобалниот академски простор, да ги проширува можностите за институционална соработка и да придонесува за размена на знаења, идеи и современи образовни практики.

Преку ваквите меѓународни настапи, Меѓународниот Славјански Универзитет продолжува да ја зајакнува својата позиција како високообразовна институција ориентирана кон развој, меѓународна соработка и создавање нови можности за академска размена, истовремено претставувајќи ја Македонија на значајни светски образовни настани.