„Нè оставаат без вода“: Жителите на Шупли Камен протестираат поради експлоатацијата на песок во Пчиња
Жители на кумановското село Шупли Камен излегоа на мирен протест поради, како што велат, експлоатацијата на песок од речното корито на Пчиња. Мештаните тврдат дека со ископите коритото е оштетено и продлабочено, а стравуваат дека тоа може да влијае врз нивото на водата во бунарите и наводнувањето на нивите.
„Ни узурпираат реката. Експлоатација вршат по реката и нè оставаат без вода“, порачаа дел од жителите.
Според мештаните, последиците од ископите веќе се чувствуваат. Тие велат дека нивото на водата во бунарите се намалува, а проблеми има и со наводнувањето на земјоделските површини.
Жителите предупредуваат и на ризици за безбедноста на населението. Тие посочуваат дека на одредени места коритото е длабоко повеќе од пет метри и тврдат дека во минатото имало несакани настани.
„Животите ни се загрозени. Се работи за човечки животи. Тука се губат човечки животи. Опасно за живеење веќе станало покрај реката и затоа се собравме тука на мирен протест“, изјавија мештани.
Во Шупли Камен има околу 200 куќи, а жителите стравуваат дека дополнителното продлабочување на речното корито би можело да доведе до повлекување на подземните води.
„Ако црпат уште еден-два метри и го намалат нивото на речното корито, по автоматизам водата ќе се повлече од бунарите што се направени овде и ќе снемаме цело село вода“, предупредуваат тие.
Мештаните велат дека во селото нема потреба од дополнително уредување на речното корито и потсетуваат дека експлоатација имало и во минатото. Тие наведуваат и дека во 2019 година била издадена забрана за работа.
На терен излегол Државниот инспекторат за животна средина. Оттаму потврдиле дека операторот поседува дозвола од Министерството за уредување на речното корито.
„Операторот има дозвола, носител е Водостопанство, а тие имаат предадено на приватен стопанственик да ја работи делницата. Тука сме да ги заштитиме граѓаните доколку има непочитување. Во моментов утврдуваме дека има дозвола и од наша страна не се утврдени неправилности“, изјавиле од Инспекторатот.
Жителите најавија дека ќе продолжат со блокадата сè додека, како што велат, нивниот проблем не биде разгледан и не се најде решение за состојбата со речното корито на Пчиња.
