Путин го поддржа Вучиќ, рече дека се надева оти ќе биде идниот премиер на Србија
Претседателот на Русија синоќа изјави дека се надева оти Александар Вучиќ, кој поднесе оставка на 27 септември, ќе стане премиер на Владата на Србија, пренесе ТАСС.
Руската новинска агенција го нарече Вучиќ, кој нема ниедна функција откако поднесе оставка од местото претседател на Србија, „лидер“.
„Сегашното раководство на Србија, поранешниот претседател и, се надевам, иден премиер Александар Вучиќ, води воздржана политика и покажува желба за соработка со Русија. И ние секако го поздравуваме тоа и ќе возвратиме“, изјави Путин на пленарната седница на клубот „Валдај“.
Путин во говорот се осврна и на положбата на српскиот народ во Европа.
„Србите се најдоа во ситуација на поделен народ во Европа, а таа поделба е наметната со сила. Тоа е неправедно. И тоа е лошо, бидејќи секоја неправда доведува до одредени проблеми и конфликти“, изјави Путин.
Парламентарните избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври. Досегашниот претседател на Србија сега е кандидат за премиер и е носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“.
