Поранешен бугарски претседател се пофали: Јас прв ги видов посмртните останки на Самоил
Претседателот на Бугарија во периодот од 2012 до 2017 година вели дека тој бил првиот бугарски шеф на држава што ги видел посмртните останки на цар Самоил. Поранешниот бугарски претседател оценува дека „враќањето на посмртните останки на цар Самоил од страна на Грција на Бугарија било „несомнено голем успех за бугарската држава и за бугарската дипломатија.
И им благодарам на сите што придонесоа за ова“, нагласи тој за бТВ
Плевнелиев раскажа дека работел на ова прашање во периодот меѓу 2012 и 2014 година, во врска со илјадагодишнината од смртта на цар Самоил, која се одбележуваше во 2014 година.
„Лично ја имав честа, како шеф на државата, да работам на ова прашање три години. Се приближувавме кон годишнината во 2014 година, кога се одбележуваа 1.000 години од трагичната смрт на еден голем бугарски владетел – цар Самоил. Во тоа време, силно сакавме да ги вратиме овие посмртни останки“, објасни тој.
Според него, во процесот биле вклучени претставници и од Бугарија и од Грција.
„Преговарав со Вселенскиот патријарх. Преговарав со грчкиот патријарх. Преговарав со двајца грчки премиери. Бугарското Министерство за надворешни работи… Речиси сите се вклучија“, раскажа Плевнелиев.
Тој објасни дека во тоа време бил изготвен список на грчките артефакти што Бугарија требало да ги врати. „Го доведовме процесот до завршната фаза, кога ја имавме комплетната листа на она што бугарската држава требаше да го предаде. Стануваше збор за грчки артефакти кои датираа од Првата светска војна. Сепак, во тоа време тие се чуваа во Центарот „Дујчев“, кој беше поврзан со Универзитетот во Софија“, појасни Плевнелиев.
Тој опиша како планот предвидувал патријарсите на Бугарија и на Грција да се сретнат на границата и да ги разменат артефактите.
„Нашиот пристап беше поинаков. Освен самото постигнување договор, сакавме двајцата патријарси – патријархот на Грција и патријархот на Бугарија – да се сретнат на границата и да ги разменат овие неверојатни артефакти“, објасни Плевнелиев. Сепак, според него, Центарот „Дујчев“ при Универзитетот во Софија не се согласил со враќањето на грчките артефакти.
„И така, тригодишниот труд отиде залудно“, сумираше Плевнелиев.
Тој зборуваше и за својата посета на Грција, кога заедно со царот Симеон Саксобурготски ги виделе посмртните останки на цар Самоил.
„Бев поканет од грчкиот премиер. Да, јас бев првиот бугарски претседател што лично ги виде коските. И знаете, му се јавив на царот Симеон Саксобурготски. Отидовме заедно. И бевме таму заедно. Медиумите подоцна известуваа за тоа како еден цар и еден претседател оддаваат почит на еден голем бугарски цар“, раскажа Плевнелиев.
„Тоа беше многу посебен момент за нас …Чувствувам огромна почит кон него и му се јавив токму поради тоа. Бевме таму заедно“, додаде тој.
„Како и да е, не успеавме да го завршиме тој процес. Знам дека и други влади работеле на тоа. Во овој конкретен случај, чувствувам благодарност. Ова е неспорен државнички чин и успех за бугарската дипломатија“, нагласи тој.
