Најмалку 16 млади Македонци заминале во Србија, регрутери ги вовлекувале во криминални кланови

Македонија, Хроника

Најмалку 16 млади луѓе од Македонија во изминатите две години заминале во Србија, каде што, според истражување на емисијата „КОД“, биле регрутирани за активности на организирани криминални групи.

Најголемиот дел од идентификуваните лица биле на возраст до 21 година, а меѓу нив имало и постари малолетници кои во Србија наполниле 18 години.

Според истражувањето, младите најчесто биле привлекувани со понуди за заработка и ветувања за брзи пари и подобар живот. До нив, според „КОД“, доаѓале лица од Македонија поврзани со криминалното подземје, кои им нуделе работа во Србија.

Меѓу младите идентификувани во истражувањето има лица од скопските населби Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево. Дел од нив претходно имале проблеми со законот или биле поврзани со продажба на дрога, додека како ранливи се издвојуваат и млади кои потекнувале од нестабилни семејни околности или биле без соодветна семејна поддршка.

Според информациите објавени во емисијата, регрутирањето се засилило во 2024 година. По заминувањето во Србија, дел од младите добивале комуникациски уреди и биле вклучувани во затворени канали преку кои, според истражувањето, добивале конкретни задачи.

Во одредени случаи, според „КОД“, за преминување на границата биле користени лажни документи или илегални премини, особено кога станувало збор за лица кои биле барани од македонските власти.

Истражувањето укажува дека бројот на идентификувани млади поврзани со вакви криминални структури може да биде меѓу 16 и 20 лица. Притоа, се предупредува дека младите не се секогаш само извршители на криминалните активности, туку и самите можат да станат жртви на структурите во кои биле вовлечени.

Во дел од случаите, според објавените информации, на младите им биле одземани личните документи, што дополнително го отежнувало нивното напуштање на криминалните групи.

Темата беше објавена во најновото издание на емисијата „КОД“, која истражува како криминални групи од регионот ги таргетираат младите од Македонија и ги вовлекуваат во прекугранични криминални активности.