Трамп забранува извоз на дизел? Паника во Европа: „Зимата ќе биде многу, многу тешка“
Европската комисија предупредува дека континентот би можел да се соочи со исклучително високи цени на енергенсите оваа зима, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека би поддржал забрана за извоз на дизел од САД.
Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен го повика Трамп да обезбеди непречено снабдување со дизел и оцени дека слободниот проток на енергија меѓу САД и Европа е во интерес на двете страни, објави 4news.mk
Сепак, Јоргенсен предупреди дека и без прекин на американското снабдување, Европа би можела да ја очекува многу тешка зима, потенцијално најтешката од енергетската криза во 2022 година.
Цените на дизелот во Европа веќе се движат близу рекордни нивоа. Изјавата на Трамп за можна забрана на извозот предизвика нестабилност на пазарот, а трговците предупредија дека таквата мерка би имала сериозни последици за Европа, имајќи предвид дека САД се еден од нејзините најголеми снабдувачи.
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт во меѓувреме изрази сомневање дека целосна забрана за извоз би била оправдана, но самата закана дополнително ја зголеми загриженоста за енергетската безбедност во Европа.
Дополнителен притисок создава и конфликтот на Блискиот Исток, кој продолжува да влијае врз глобалните синџири на снабдување. Цените на природниот гас во Европа неодамна достигнаа највисоко ниво од кризата во 2022 година, додека цената на суровата нафта „брент“ останува над 100 долари за барел.
ЕК разгледува краткорочни мерки
Јоргенсен потврди дека Европската комисија разгледува краткорочни мерки за намалување на цените на фосилните горива во Европската Унија.
Ова следува по повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за итни мерки, меѓу кои и одложување на построгите правила за увоз на метан и поголема флексибилност во регулативите поврзани со преработката на горива.
Јоргенсен не сакаше да ги коментира одделно предлозите на Макрон, но порача дека во одредени ситуации е потребно привремено одложување или пофлексибилен пристап, без откажување од долгорочните цели.
На прашањето дали може да се одложи примената на новите правила за увозниците на нафта и гас во делот на следењето и ограничувањето на емисиите на метан, Јоргенсен рече дека во наредните недели и месеци ќе има различни форми на флексибилност што ги бараат земјите членки.
Подоцна беше потврдено дека Јоргенсен побарал од Европската комисија да ја разгледа можноста за едногодишно одложување на примената на правилата за метан.
Повисоки трошоци за гориво
Според податоците на организацијата „Транспорт енд енвајронмент“, европските граѓани веќе плаќаат околу 30 евра повеќе за полн резервоар дизел отколку во периодот пред конфликтот меѓу САД и Иран.
Зголеменото производство во американските и европските рафинерии досега овозможуваше земјите од ЕУ да увезуваат доволни количества дизел и авионско гориво и да избегнат поголеми нарушувања во снабдувањето.
Сепак, администрацијата на Трамп е под притисок поради високите цени на дизелот на американскиот пазар пред ноемвриските избори. Аналитичарите проценуваат дека евентуален прекин на американскиот извоз би можел да предизвика дополнителен раст на цените на глобално ниво.
Јоргенсен изрази надеж дека такво сценарио ќе биде избегнато, но предупреди дека Европа мора да се подготви за можноста од значително повисоки цени на енергијата.
„Најверојатното сценарио е да имаме многу, многу високи цени, но без проблеми со безбедноста на снабдувањето. На луѓето кои не можат да си дозволат гориво не им значи многу дали го има на пазарот ако не можат да го купат“, рече Јоргенсен.
Повик за забрзана електрификација
Еврокомесарот ги повика земјите членки да ги намалат даноците на електричната енергија и да ги зголемат инвестициите во зелена енергија.
Тој истакна дека земјите можат да ја искористат флексибилноста што Европската комисија ја воведе во фискалните правила, но досега тоа го направиле само Италија и Грција.
Јоргенсен повтори дека Европа мора да ја забрза електрификацијата за да ја намали зависноста од фосилните горива и да избегне идни енергетски кризи.
Европската комисија предложи до 2040 година стапката на електрификација во ЕУ да биде двојно зголемена, на 46 проценти, а предлогот предвидува и можност земјите електричната енергија да ја оданочуваат со пониска стапка од гасот.
„Ако не се оддалечиме од зависноста од фосилните горива, ова може да стане трајна криза“, заклучи Јоргенсен.
