Септемвриските пензии ќе се зголемат за три проценти – еве за колку
Зголемувањето на септемвриските пензии, кои треба да бидат исплатени во октомври, ќе изнесува три проценти, потврдиле од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) за телевизијата Телма. Нивелирањето на пензиите според актуелниот закон ќе биде процентуално, а не линеарно, како што бараа дел од пензионерите.
Ова значи дека конечниот износ, односно висината на септемвриската пензија ќе се пресметува индивидуално за секој пензионер во зависност од актуелните примања.
Во Фондот, како што изјавиле за телевизијата, веќе се вршат пресметките за новите износи, а со цел исплатата да се подготви навреме. Следното усогласување на пензиите, според законот, ќе биде во март следната година.
Процентуалното усогласувањето на пензиите, согласно законот, се спроведува двапати годишно, во март и во септември. Формулата претставува збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 отсто од растот на просечно исплатената нето-плата во првото полугодие во однос на претходните шест месеци.
Инаку, во изминатите две години пензиите беа линеарно покачувани во четири наврати, а секој пензионер доби вкупно зголемување на своите приходи за 7 000 денари, без оглед на висината на пензијата што ја примал претходно.
Минатата година Уставниот суд отвори постапка за оценка на линеарното зголемување, но во март годинава ја запре постапката бидејќи предлогот за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година не доби мнозинство од уставните судии.
За овие реформи, во интервју за „360 степени“ емитувано на на 14 септември на МРТ 1, говореше министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Во однос на откупот на пензиски стаж, тој рече дека согласно закон кој веќе се разгледува во рамките на Владата, граѓаните кои ги исполниле старосните услови за пензионирање, но им недостигаат до две години работен стаж за законскиот минимум од 15 години, ќе можат сами да ги уплатат придонесите за овој период и да остварат право на пензија.
Околу иднината на вториот столб, прашање за кое се отвори дебата во јавноста, Велковски во интервјуто кажа дека опциите кои се разгледуваат ги означи со терминот „реконструкција“, а не укинување на вториот столб. Министерот во тој контекст го спомна хрватскиот пример во насока да им се овозможи на осигурениците самите да решат дали ќе останат само во првиот државен фонд или ќе уплаќаат и во вториот, кој сега е задолжителен.
„Опцијата којашто, нели, се отвори како дебата, мислам во последните месец и половина дадовме одговори, нели, во неколку наврати и Владата, меѓутоа и ние како ресорно министерство, е дека е потребно да се провери овој систем. Да се направи проверка, за тоа и за таа цел, формирани беа одредени работни групи, одредени тела коишто треба да направат анализа да видиме со денешните параметри што значи штедењето во вториот столб, односно какви би биле приносите на идните пензионери коишто треба да излезат во пензија во годините што следат“, рече Велковски.
Министерот најави и воведување мултифондови, со растечко, балансирано и конзервативно портфолио, во зависност од возраста и изборот на осигуреникот.
