Масовна тепачка меѓу млади во Словенија – властите размислуваат да го скратат работното време на локалите (ВИДЕО)
Во словенечкиот град Постојна минатиот викенд се случила масовна тепачка во која учествувале преку 20 млади луѓе, објави РТВ Словенија.
Снимките од улицата Тржашка во центарот на градот покажуваат млади луѓе како викаат, се тепаат и уништуваат инвентар пред локалот „Музичкото кафе“.
„Не, сè уште не сум го доживеал ова. Не се сеќавам дека сум видел сличен случај во Постојна“, рекол градоначалникот Игор Марентич, кој рекол дека ги гледал видеата.
Жителите на Постојна со години страдаат од ноќна бучава, но велат дека сега ситуацијата станала неподнослива. Се жалат на оштетени автомобили и пречести интервенции на брза помош поради пијани млади луѓе. Во последните месеци, тие документираат сè и ги предаваат снимките на полицијата. Не сакаат јавно да излегуваат бидејќи се плашат од последиците.
Градоначалникот Марентич потврди дека Општината е свесна за проблемот.
„Добивме две писма од станари во непосредна близина. Знам дека полицијата интервенирала во тој бар и претходно“, рекол тој.
Во саботата, полицијата пристигна во 1:30 часот наутро. Младите избегале, а на местото на настанот било пронајдено само едно лесно повредено 22-годишно момче. Полицијата истражува сомнителни кривични дела закани и насилно однесување. Работното време на локлаот е до 22 часот, а еднаш месечно е дозволено да работи до 2 часот наутро. Пазарните инспектори спровеле неколку инспекции од 2022 година, и само еднаш утврдиле прекршок и издале опомена.
Општината размислува за скратување на работното време
Жителите ја предупредуваат Општината од мај и бараат реакција, но тврдат дека досега ништо не е преземено. Сепак, градоначалникот сега најави конкретни чекори.
„По овој последен настан, ја анализиравме ситуацијата. Во Општината одлучивме дека сериозно ќе размислиме за издавање дозволи за работа ноќе. Можеби до единаесет или дванаесет, но веројатно не подолго“, изјави тој за РТВ Словенија.
Менаџерот на барот рече дека настаните на улицата немаат никаква врска со нив. Тој вели дека се обидуваат да спречат проблеми, но не појасни на кој начин. Жителите се убедени дека месечните забави привлекуваат проблематични гости. Тие очекуваат Општината ќе ја исполни најавата и дека ќе го скрати работното време за настаните што се организираат однапред еднаш месечно.
Видеото може да го проследите на овој линк.
