Се приближува денот: Еве кога се очекува првиот „Лидл“ да почне со работа

Дали Знаете, Македонија

Германскиот трговски синџир „Лидл“ утре официјално ќе го означи почетокот на изградбата на својот втор супермаркет во Битола.

По повод почетокот на градежните активности, ќе биде поставен камен-темелникот за новиот објект, со што и официјално ќе започне реализацијата на инвестицијата.

Од компанијата посочуваат дека новиот маркет е дел од долгорочниот инвестициски план на „Лидл“ во Македонија. Инвестицијата, како што велат од компанијата, треба да придонесе за локалниот економски развој, отворање нови работни места и збогатување на понудата за потрошувачите.

Дополнително, проширувањето на мрежата на „Лидл“ отвора можности за понатамошна соработка со домашните производители, чии производи компанијата ги пласира и на европскиот пазар.

„Лидл“ во изминатите две години активно ја гради својата мрежа во земјава. Покрај Битола, инвестициите и активностите на компанијата опфаќаат повеќе градови, меѓу кои Скопје, Охрид, Штип, Струмица и Куманово, каде што е предвидено да биде изграден и логистичкиот центар.

Според најавите, во дел од овие градови маркетите на „Лидл“ треба да започнат со работа во текот на следната година. За Штип, пак, се очекува маркетот да биде отворен околу Нова година.

Во меѓувреме, „Лидл“ продолжува да го зголемува откупот на земјоделски и други производи со македонско потекло, кои преку неговата продажна мрежа се пласираат и на европските пазари.

Со изградбата на новите маркети, компанијата постепено ја проширува својата присутност на македонскиот пазар и ја најавува својата долгорочна стратегија за развој во земјава.