Прв случај на западно-нилска треска и во Сарај, ИЈЗ апелира граѓаните да се заштитат
Западно нилска треска регистрирана и на другиот дел од Скопје. Освен во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел каде се уште е на сила епидемијата, случај со вирусната инфекција која ја пренесуваат комарци и птици е потврден и кај жена од Сарај. Ако претходно вирусот почесто ги напаѓаше мажите, од скопскиот центар за јавно здравје информираат дека во последните 5 случаи заболени се жени.
Од ИЈЗ апелираат граѓаните и понатаму да ги почитуваат препораките за лична заштита, а општините да вршат вонредни прскања против комарци. Кај нив речиси секојдневно стигнувале примероци за испитување.
– Од почетокот па се до денеска во ИЈЗ има потврдено 70 случаи со западно нилска треска, од кои 9 се починати. ИЈЗ располага со доволно реагенси. Препорачуваме како Институт, граѓаните се уште да бидат претпазливи и да ги користат мерките за лична заштита, изјави д-р Маријан Андоновска, директор на ИЈЗ.
Од Град Скопје информираат дека в четврток ќе се прска од земја против ларви од комарци на повеќе места во градот, а пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Во моментов поради компликации од западно нилска треска на Инфективна хоспитализирани се 11 пациенти, еден од нив веќе подолго време е во тешка состојба и на интензивна нега.
