Божиновска: Младите инженери се потенцијал за напредок на Македонија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се сретна со годинешните добитници на престижното признание „Инженерски прстен“, при што разговарала со младите инженери за нивните идеи, проекти, интереси и визии за професионалната иднина.
Божиновска истакна дека знаењето, иновативноста и идеите на младите инженери можат да имаат значајна улога во развојот на Македонија, охрабрувајќи ги да продолжат да учат, создаваат и своите идеи да ги претвораат во конкретни решенија.
„Нивниот успех не е само личен успех, тој е и потенцијал за напредок на Македонија“, посочи Божиновска.
Таа нагласи дека институциите имаат обврска да создаваат услови за развој на младите и да бидат нивен партнер во реализацијата на нивните идеи и иницијативи.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска порача дека младите инженери имаат место и можност да ги претстават своите идеи, иницијативи и проекти.
Признанието „Инженерски прстен“ годинава се доделува по 23. пат, а досега со ова признание се закитиле 257 млади инженери.
Божиновска упати честитки до годинешните добитници, посакувајќи им успех, храброст и истрајност на патот на знаењето и иновациите.
