Објавени деталите од договорот за Гренланд: САД добиваат две нови воени бази
САД планираат повторно да ја воспостават воената база од времето на Студената војна во Јужен Гренланд и да отворат уште една на источниот брег – локација што моментално ја користи данска патрола со кучешки впреги – согласно договор што треба да се потпише во вторник со Данска и Гренланд, пренесува Reuters.
Станува збор за локациите Нарсарсуак – каде што населението се намалило на само неколку десетици луѓе откако САД ја затворија својата воена база Bluie West One во 50-тите години – и Местерсвиг, воена испостава што ја користи патролата со кучешки впреги Slædepatruljen Sirius, единица на данските специјални сили.
Се очекува Данска, Гренланд и САД да го потпишат новиот договор за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Текстот на договорот сè уште не е објавен, а деталите нема да бидат финализирани сè додека истиот не се потпише.
Данска наведува дека договорот ја става безбедноста на Арктикот под закрила на НАТО – воениот одбранбен сојуз – наместо таа да остане исклучиво во надлежност на САД и Данска.
Договорот доаѓа по повеќемесечен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој долго време изразуваше желба САД да го контролираат Гренланд и во неколку наврати одбиваше да ја исклучи можноста за употреба на воена или економска сила за преземање на оваа полуавтономна данска територија. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека жителите на Гренланд во огромно мнозинство ја отфрлиле оваа идеја.
Заканите на Трамп, кои го достигнаа својот врв во јануари, предизвикаа дипломатска криза во рамките на НАТО и ги поттикнаа Данска и Гренланд да започнат преговори со Вашингтон во обид да се ублажи притисокот. За време на Студената војна, САД имаа 17 воени објекти и повеќе од 10.000 припадници на војската во Гренланд. Денес таму остана само вселенската база Pituffik, во која се стационирани околу 150 американски војници.
