Шкотите доаѓаат во Скопје со „армија“ од 4.000 навивачи?
Шкотската фудбалска репрезентација ќе допатува во Скопје со четириилјадна армија навивачи, кои на 3 октомври, за кога е закажан натпреварот против соодветната селекција на Македонија во рамките на Б1 групата од Лигата на нациите на УЕФА, ќе бидат огромна поддршка за учесникот на последното Светско првенство.
Според извори на „Слободен печат“, шкотските навивачи познати под името „Тартан арми“ веќе се во подготовка да донираат 5.000 фунти на социјално загрозена категорија граѓани во земјава. И при претходните гостувања на националниот тим на Шкотска во Македонија, тие беа хумани и му донираа 2.000 фунти на „СОС Детското село“ во населбата Маџари, каде што се дружеа со децата и одиграа фудбалски натпревар, а на Центарот за деца од улица во Шуто Оризари „Снежана“ му беа доделени 5.000 фунти. Се прават обиди и овојпат пријателски натпревар да одигра тим од шкотски навивачи против „колеги“ од македонската „фаланга“ на денот на натпреварот меѓу сениорските национални тимови на двете земји.
Како и пред мечот Шкендија – Хибернијан, кога го окупираа центарот на Скопје, Шкотланѓаните, со или без традиционалните килтови на себе, и на 3 октомври ќе ги „освојат“ пивниците во центарот на градот, како што го окупираа Бостон, во САД, каде што ги потрошија сите резерви на пиво на локалните угостители.
Македонија во Лигата на нациите е во група со Швајцарија, Словенија и Шкотска. На претстојниот „прозорец“ ја очекуваат средби со Швајцарија во Скопје (26 септември), со Словенија на гости (29 септември), со Шкотска во Скопје (3 октомври) и со Швајцарија на гости (6 октомври). Преостанатите две средби од Б1 групата се играат во ноември.
Македонскиот селектор Гоце Седлоски поради згуснатиот распоред на натпревари објави поширок список со 28 репрезентативци.
