Божиновска: Австриските компании имаат простор за инвестиции во македонската енергетика

Uncategorized, Македонија

Гасификација, интерконектори, батериски системи, обновливи извори, енергетска ефикасност и модернизација на мрежата меѓу приоритетите – отворен простор за австриските технологии и инвестиции

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се обрати на Македонско-австрискиот бизнис-форум за патна и енергетска инфраструктура, што се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија, во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria.

Пред претставници на австриски компании, македонскиот бизнис-сектор и институциите, министерката ги претстави стратешките приоритети на државата во енергетиката, тековните и планираните проекти, како и конкретните можности за учество на меѓународни компании во трансформацијата на енергетскиот систем.

Нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и искористи таа енергија. За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери“, истакна Божиновска.

Во своето обраќање таа посочи дека Македонија влегува во нов инвестициски циклус во енергетиката, во кој паралелно се развиваат производните капацитети, складирањето, преносната инфраструктура, регионалните интерконекции и пазарното поврзување.

Дополнително, Министерството е транспарентно и сите проекти што се во рамки на процесот за праведна транзиција се јавно објавени на посебен сајт и секоја компанија може да погледне за што станува збор, посочи министерката.

Модернизацијата и проширувањето на енергетската инфраструктура се клучен столб на новиот инвестициски циклус. Посебно место во приоритетите има складирањето на енергија, како клучна инфраструктура за систем со сè поголем удел на сончева и ветерна енергија.

Министерката ги посочи инвестициите во преносната мрежа, дигитализацијата, зголемувањето на капацитетите за приклучување и регионалните интерконекции, паралелно, земјата продолжува со гасификацијата и развојот на регионалната гасна инфраструктура.

Македонија работи на тоа да бидеме дел од европската енергетска инфраструктура“, порача Божиновска, посочувајќи ја важноста на интерконекторот со Грција, пристапот до нови извори и правци на снабдување, како и поврзувањето со Србија.

Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор отвора дополнителен простор за регионална интеграција и диверзификација на снабдувањето, а со тоа и нови можности за компании што располагаат со технологија, инженерски капацитети и експертиза во гасната инфраструктура.

Во фокусот на Министерството е и енергетската ефикасност, преку инвестиции во енергетска обнова на јавни објекти, како и развојот на електромобилноста, инфраструктурата за полнење и паметните енергетски решенија.

Министерката Божиновска нагласи дека интересот за австриските компании не е случаен, туку се темели на долгогодишна и успешна економска и деловна соработка меѓу двете земји.

Австриските компании располагаат со значајно искуство и технологии во области што се директно поврзани со македонските енергетски приоритети – хидроенергетика, енергетска ефикасност, електромобилност, дигитализација, инженеринг, инфраструктура.

Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства“, истакна Божиновска.

Божиновска посочи дека со новиот Закон за енергетика е воведено системско планирање на новите енергетски објекти преку годишни планови, со што инвеститорите добиваат поголема предвидливост, а државата може навреме да ја планира потребната мрежа, складирањето и останатата инфраструктура.

За нас предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката“, нагласи министерката.

Таа посочи дека Министерството продолжува со усогласување на законодавството со европската регулатива и со интеграција на македонскиот енергетски пазар со европскиот.

Бизнис-форумот во Скопје доаѓа во континуитет со официјалната посета на Австрија во април годинава, кога владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во која беше и министерката Божиновска, разговараше со највисоките австриски институции и со претставници на деловната заедница.

Во Виена во фокусот беа економската соработка, енергетската сигурност и зајакнувањето на енергетската поврзаност, а беше отворен и простор за продлабочување на економските односи меѓу двете земји.

Денешната бизнис-мисија претставува продолжение на тој процес – од политички и економски разговори кон директно поврзување на компаниите Во рамки на бизнис-мисијата во Скопје престојуваат австриски компании кои имаат интерес за конкретни можности на македонскиот пазар.

Македонско-австрискиот бизнис-форум е организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria, со цел продлабочување на билатералната економска соработка и поврзување на австриски компании со македонските институции и бизнис-секторот.