Младите да не пакуваат куфери, туку тука да создаваат семејства, порача претседателката во честитката за независноста

Македонија

Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сè уште се нашата најголема надеж, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во честитката по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Во честитката, таа се осврна на иселувањето на младите како еден од најголемите проблеми со кои се соочува државата по три и пол децении независност.

-Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите! Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина – се вели во честитката.

Според неа, државата има генерациска одговорност да ги заврши неодложните задачи, да ги искорени криминалот и корупцијата, да воспостави бескомпромисно владеење на правото и да изгради мирно и праведно општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни и еднакви.