Ахмети со честитка по повод Независноста на Македонија: Албанците не бараа друга држава, туку еднаквост во заедничкиот дом

Македонија, Политика

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија упати порака во која се осврна на патот на државата, Охридскиот рамковен договор и важноста на еднаквоста меѓу заедниците.

Ахмети оценува дека годишнината од независноста е можност да се потсетиме на патот по кој поминала државата, но и сериозно да размислиме каква држава треба да им се остави на идните генерации, објави 4news.mk

Според него, државата не била изградена од еден народ, но во текот на годините Албанците и другите немнозински заедници не се чувствувале како рамноправен дел од државата.

Ахмети ги посочува уставните измени од 1989 година, начинот на кој бил изграден уставниот поредок во почетокот на 90-тите години, како и исклучувањето на Албанците и другите заедници од клучните процеси при создавањето на државата.

„Тоа беше историска неправда, но и неодржлив државен модел“, наведува Ахмети.

Осврнувајќи се на 2001 година, лидерот на ДУИ вели дека токму тогаш дошло до соочување со оваа реалност, а Охридскиот рамковен договор, според него, не променил само одредени уставни одредби, туку и филозофијата на функционирање на државата.

„Охридскиот мировен договор не промени само неколку одредби од Уставот. Тој ја промени филозофијата на функционирањето на државата“, порача Ахмети.

Тој нагласува дека Албанците не барале друга држава, туку се обврзале заеднички да ја градат државата.