Божиновска: Градиме сигурна и конкурентна енергетска иднина за Македонија
Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, со што прави значаен исчекор кон поголема енергетска сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас.
Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, посочувајќи дека поврзувањето со нови извори и правци за снабдување ја претвора географската положба на земјата во стратешка предност.
„Со поврзувањето со нови извори и правци за снабдување, ја претвораме нашата географска положба во стратешка предност“, порача Божиновска.
Според неа, интерконекторите со Грција и Србија ќе придонесат за поголема сигурност и конкурентност во снабдувањето со енергија, како за домаќинствата, така и за стопанството.
Божиновска нагласи дека со овие инфраструктурни проекти Македонија од досегашна крајна точка на енергетските правци ќе прерасне во активна енергетска врска меѓу југот и Централна Европа.
„Градиме модерна инфраструктура, отвораме простор за инвестиции и ја зацврстуваме улогата на државата како сигурен регионален партнер“, истакна министерката.
Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор се очекува да придонесе кон диверзификација на изворите и маршрутите за снабдување, што е од особено значење за долгорочната енергетска стабилност на земјата.
