Проданоски: Прилеп ќе добие обновена спортска сала со 1.959 седишта
Општина Прилеп ги завршила потребните административни процедури и активности за целосна реконструкција на спортската сала „Македонија“, со што се создадени предуслови за реализација на проектот, информира градоначалникот Дејан Проданоски.
Планираната инвестиција изнесува 180 милиони денари со вклучен ДДВ. Проектот е предвиден во Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, а реализацијата е планирана во три фази, во периодот од 2026 до 2028 година.

Според најавата, по реконструкцијата салата ќе располага со 1.959 седишта за публика, современи инфраструктурни решенија и пристапи приспособени за сите корисници, вклучително и лицата со попреченост.
Зафатот опфаќа и реконструкција на електричните инсталации, водоводот, канализацијата и термотехничките системи. Целта е објектот повторно да се стави во функција и да обезбеди современи услови за тренинзи, натпревари и рекреација.
„Ова е инвестиција во нашите деца, во младите, во спортските клубови, во рекреацијата и во идните генерации спортисти кои заслужуваат современи услови за да ги развиваат своите таленти и да ги остваруваат своите соништа“, истакна Проданоски.
Градоначалникот упати благодарност до Владата и Министерството за спорт за поддршката, нагласувајќи дека обновата на салата претставува долгоочекуван проект за прилепчани.
„Продолжуваме посветено да работиме за Прилеп да добие спортска сала каква што заслужува“, порача Проданоски.
