Македонија по четврти пат на Европско: Одбојкарите тргнуваат по нов подвиг
Од 9 до 26 септември, Италија, Бугарија, Финска и Романија ќе бидат домаќини на Европското првенство во одбојка, а Македонија по четврти пат ќе биде дел од континенталното натпреварување.
Групата е исклучително силна. Полска, Бугарија и Украина се репрезентации од самиот светски врв, но македонскиот состав нема намера однапред да се предаде.
„На сите им е јасно дека играме во најтешката група на ова Европско првенство. Првите три натпревари ќе ни бидат своевидни подготовки за она што следи, најважните натпревари против Португалија и Израел“, вели Миленкоски.
Селекторот додава дека против фаворитите Македонија ќе игра без страв и со максимален ангажман.
„Секако дека против фаворитите ние нема да се откажеме. Ќе ја играме нашата најдобра игра и достоинствено ќе ја претставиме нашата земја“, порача Миленкоски.
„Четврто Европско првенство не е само наш успех и наш резултат. Тоа е успех на целата држава и нацијата“, порача Јовановски, повикувајќи ги македонските навивачи да дојдат во Софија и да ја поддржат репрезентацијата.
Тој потсети дека Македонија во Софија ќе се соочи со некои од најдобрите европски и светски селекции, но нагласи дека токму тоа е потврда за континуитетот што македонската одбојка го гради со години.
Јовановски посочи и дека репрезентацијата во изминатиот период имала одлични услови за подготовки, како и ангажиран стручен штаб и искусни професионалци, меѓу кои и лица со значајно меѓународно искуство.
„Спортот без финансии не може да оди напред“, порача тој, додавајќи дека Федерацијата побарала поддршка од голем број компании, но дека само мал дел од нив се одзвале.
И покрај тоа, од ОФМ велат дека продолжуваат со градење на систем кој треба да обезбеди долгорочен развој на македонската одбојка, вклучително и создавање домашен стручен кадар кој во иднина ќе ја презема репрезентацијата. Пред македонските одбојкари сега е најголемиот предизвик – теренот. Tаму ги очекуваат Полска, Бугарија, Украина, Португалија и Израел.
Европското првенство започнува на 9 септември. Македонија е таму по четврти пат. Останува и публиката да покаже дека стои зад своите репрезентативци.
