Општина Битола: „Училишна приказна“ ги собра првачињата на голема забава

Македонија

Градскиот парк во Битола денеска беше исполнет со детска насмевка, забава и дружење, каде што по вторпат се одржа „Училишна приказна“ – настан посветен на првачињата од општината по повод почетокот на новата учебна година.

За најмладите ученици беа организирани бројни активности, меѓу кои возење со „Мечо“, дружење со ЗАГИ, училишни точки и подароци. Целта беше првачињата на весел и несекојдневен начин да го одбележат својот прв чекор во светот на образованието и знаењето.

Од име на Општина Битола, секретарот Борче Димитровски им посака успешна учебна година на првачињата, нивните семејства и наставници, истакнувајќи го значењето на 1 септември како ден на нови почетоци, први училишни чекори и создавање нови пријателства.

„Драги првоодделенци, голема е радоста што денеска заедно со вас сме на оваа училишна приказна, на почетокот на вашето училишно патување кога се отвораат вратите кон светот на знаењето. На ова патување ќе научите и да читате и да пишувате, но и да се дружите со новите пријатели. Знаењето е клуч кој ги отвора големите врати“, порача Димитровски.

Тој посочи дека Општина Битола континуирано вложува во подобрување на условите за образование, како и во изградба и унапредување на спортските терени и спортските сали во училиштата.

„Во мое и во име на градоначалникот Тони Коњановски ви посакувам успешна година, радосни, среќни, вредни и упорни да бидете во светот на образованието“, им порача секретарот на општината.

Димитровски упати честитки и до сите ученици од повисоките одделенија и класови, посакувајќи им успешен и среќен почеток на учебната година.

„Училишна приказна“ е организирана од Општина Битола во соработка со ЈП „Паркинзи“ и поддржувачите: Зоолошка градина, Културно-информативен центар, НУУБ „Свети Климент Охридски“, Црвен крст, АМД „Ѓорѓи Наумов“, „БиМилк“ и „Пелистерка“.

Со настанот, Градскиот парк беше претворен во место за весел почеток на учебната година, а главната порака беше дека првиот училишен ден треба да остане запаметен по радоста, новите другарства и желбата за знаење.