„Тајм аут“ го прогласи Охридското Езеро за најубаво место во Европа, го победи и италијанското Комо
Патеписците на списанието „Тајм аут“ го прогласија Охридското Езеро за најубаво место во Европа, опишувајќи го како многу попристапна и помирна алтернатива на популарното италијанско езеро Комо.
Додека Комо е познато по светските ѕвезди и големите гужви, Охридското Езеро нуди сосема поинакво искуство.
Тоа е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, сместено на границата меѓу Албанија и Македонија. Пејзажот воопшто не заостанува зад својот италијански конкурент, а го прават кристално чистата сина вода, планинските врвови во позадина и брег прошаран со историски гратчиња во кои се чини дека времето застанало, пишува „Тајм аут“.
„Главниот центар на македонската страна од езерото е градот Охрид, сместен веднаш на брегот. Неговиот стар дел е полн со тесни калдрмисани улички, а е познат и по стотиците средновековни цркви – според легендата, некогаш имало 365 од нив, по една за секој ден од годината.
Карактеристична глетка се теракотните покриви што се спуштаат кон водата. Денот тука може да се помине во пливање и истражување на античките остатоци, а вечерите се резервирани за гледање на зајдисонцето зад планините, сето тоа без цените што го придружуваат одморот во Ломбардија.
Албанската страна на езерото нуди малку поинаков, див пејзаж и потивки села. Селото Лин се издвојува, каде што има остатоци од стар мозаик. Сликовити кампови покрај брегот се исто така достапни за посетителите, каде што може да се резервираат лежалки и сместување по многу прифатливи цени“, пишува „Тајм аут“.
„Тајм аут“ советува колку порано тргнете во кратка прошетка од центарот на градот до црквата „Свети Јован“, толку подобро. Како што одминува денот, гужвите стануваат сè поголеми, но уште поважно – утринскиот мир и тишина делуваат како вистински лек за душата, навеле од „Тајм аут“.
Ова се 10-те најубави места во Европа, според патеписците на „Тајм аут“:
1. Охридско Езеро, Македонија
2. Топли извори Сатурнија, Тоскана, Италија
3. Џајновски насип, Северна Ирска
4. Алберобело, Апулија, Италија
5. Почитељ, Босна и Херцеговина
6. Норвешки фјордови, Норвешка
7. Кју Гарденс, Лондон, Велика Британија
8. Канал Принсенграхт, Амстердам, Холандија
9. Долина Мозел, Германија
10. Каса Батљо, Барселона, Шпанија.
