Медведев се закани со директен руски напад врз Берлин

Свет

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, се закани со напад врз Берлин, откако Германија официјално ја обвини Русија за обид за саботажа на аеродромот кај Лајпциг. Медведев ги отфрли обвинувањата како неосновани и ја нарече актуелната германска влада „неонацистичка и жестоко русофобична“.

„Ова заслужува директен напад врз сите германски воени производствени капацитети што ја снабдуваат бандеровската клика. А сосема е можно и врз уште неколку места во Берлин“, напиша тој на социјалните мрежи.

Што се случи во Лајпциг?
Инцидентот се случи на 4 август, кога вработен на аеродромот кај Лајпциг забележал дрон во близина на украински авион „антонов“. Подоцна било утврдено дека дронот носел експлозив, но, според извештаите, детонаторот не се активирал.

Германските власти го квалификуваа инцидентот како обид за саботажа и официјално ја обвинија Русија, која негира каква било вмешаност. Шефицата на европската дипломатија Каја Калас го опиша инцидентот како чин на државен тероризам.

Како одговор, Германија го затвора рускиот Генерален конзулат и го раскинува договорот за закуп на таканаречениот „Руски дом“ во Берлин.

Одговор на изјавите на Зеленски
Медведев се осврна и на изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вчера рече дека руските аеродроми и воздушниот простор на земјата стануваат сè поопасни поради широката употреба на дронови. Според Зеленски, рускиот воздушен простор практично се затвора, а војната што ја започна Русија сега ѝ се враќа.

Медведев го нарече тоа облик на државен тероризам што го спроведува „бандеровскиот режим“, тврдејќи дека „со терористите не се преговара – на нивните постапки се одговара со одмазда“.

Тој тврдеше дека западните лидери, особено во Европа, во моментов го спонзорираат таквиот „терор“, иако самата Русија продолжува секојдневно да гранатира украински градови и да убива цивили.

Медведев е познат по својата запалива реторика и честите закани кон Западот. Тој и претходно се закануваше со напади врз Германија и Велика Британија, а неодамна заканите ги прошири и кон секоја земја во која се произведуваат компоненти за украински дронови – и покрај тоа што роднини на повеќе руски функционери живеат токму во некои од тие земји.