Кривична против поранешен директор и уште двајца вработени – еве за што се осомничени
Полицијата поднесе кривични пријави против три физички и едно правно лице од Прилеп, со сторени повеќе кривични дела го оштетиле буџетот на Тутунски комбинат Прилеп за над 3,3 милиони денари, соопшти МВР.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Љ.Б.(59) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, К.С.(60) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Ј.Д.(41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“ и правно лице од село Мало Коњари, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“.
Првопријавениот Љ.Б., во 2021/2022 година работел во АД „Тутунски Комбинат“ – Прилеп на работно место координатор на група за обезбедување, а второпријавениот во истиот период бил генерален извршен директор на АД „Тутунски Комбинат“, третопријавениот Ј.Д. е сопственик и управител на четвртопријавениот правен субјект, овластена фирма за откуп и продажба на отпадни материјали со која АД „Тутунски Комбинат“ Прилеп има склучено договор за откуп на отпадни материјали.
Во првото тримесечие на 2022 година, првопријавениот Љ.Б., спротивно на член 3 од Одлуката за одобрување на отпис од сметководствена евиденција и продажба на основни средства, ситен инвентар и резервни делови како отпадни материјали, по негов усмен предлог од тогашниот генерален извршен директор, второпријавениот К.С., му било овозможено тој да ја спроведе продажбата на отпад наместо референтот за управување со отпад.
