ХАОС И ПРЕПУКУВАЊА: Србите револтирани од глобите на „Безбеден град“, Македонците им порачуваат – „Одете си преку Бугарија!“

Македонија

Воведувањето на системот „Безбеден град“ и за возилата со странски регистарски таблички предизвика вистински колапс, но и жестоки вербални препукувања меѓу српските и македонските патници на граничниот премин Табановце.

Социјалните мрежи и туристичките групи посветени на патувањата кон Грција буквално „експлодираа“. Откако МВР започна на самата граница да им врачува прекршочни налози и да им наплаќа казни на странските возачи за брзо возење, на граничните премини се створија километарски колони и повеќечасовни чекања, што го прели чашата на трпението.

Препукувања во групите: Од „Платете си!“ до „Одиме преку Бугарија!“

Српските туристи, револтирани од долгите чекања, нервозата и изречените казни, упатија низа критики за организацијата, опишувајќи ја ситуацијата како „вистински пекол со расплакани деца и нервозни луѓе“. Дел од нив отворено порачаа дека повеќе нема да транзитираат низ Македонија и дека следната година ќе патуваат исклучиво преку Бугарија.

Но, македонските граѓани и корисници на социјалните мрежи брзо им вратија:

„Преку Бугарија одете, доста правите гужви кај нас!“ — е еден од најчестите коментари од македонска страна.

„А што мислевте, дека ќе возите бесни коли и ќе дивеете низ Македонија без да платите? Платете си!“ — реагираат македонските возачи, посочувајќи дека правилата мора да важат еднакво за сите.

„Кога чекате на Евзони по 6 часа ќутите, а тука ви смета кога ве казнуваат за брзо возење“, гласат дел од острите реакции.

И додека едни се жалат дека законите се премногу строги и дека патиштата се лоши, други српски туристи сепак признаваат дека правилата за брзина мора да се почитуваат насекаде во светот и дека глобите за пребрзо возење се сосема легитимни.

Официјален став на МВР: Неселективност и еднаквост пред законот

По повод хаосот и метежот што се создаде на излез од државата, со официјално соопштение се огласи и Министерството за внатрешни работи. Одовде појаснуваат дека денешниот метеж е резултат на првиот ден од примената на новиот механизам, со кој се опфатени и претходно евидентираните прекршоци.

„На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, на возачите кај кои системот претходно евидентирал сообраќаен прекршок им се соопштува за истиот и им се издава Записник со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка“, информираат од МВР.

Од полицијата нагласуваат дека целта на овој систем е да се обезбеди еднаков и неселективен пристап во санкционирањето, без оглед дали возилата се со домашни или странски таблички. Од МВР додаваат дека веќе се преземаат мерки за забрзување на процедурата и намалување на времето на чекање, а контролата од „Безбеден град“ постепено ќе се прошири и на сите останати гранични премини во државата.