Косовските власти уриваат објекти во сопственост на Срби на езерото Газиводе, досега се срушени 17 вили (ВИДЕО)

Балкан

Косовските власти рушат објекти во подрачјето на езерото Газиводe кои се во сопственост на Срби, а досега се урнати 17 вили, објави „Радио ким“.

Министерката за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Фиторе Пацоли, денеска во објава на социјалните мрежи порача дека уривањето на објектите, кои властите ги сметаат за дивоградби, ќе продолжи „без компромис“ и ќе биде проширено и на други делови од Косово.

„Уривањето на бесправно изградените објекти на јавен имот на Газиводе продолжува. Досега се урнати 17 објекти околу езерото. Акцијата ќе продолжи без компромис и ќе се прошири и на други делови од Косово, со цел да се заштити јавниот имот и да се обезбеди спроведување на законите“, наведе Пацоли.

На брегот на Газиводе утрово беше урнат хотелот „Језеро“, еден од најпознатите објекти за одмор и за рекреација на езерото.

Сопствениците Јордан и Александар Јакшиќ велат дека не очекувале да дојде до тоа.

Тие за „Косово онлајн“ изјавија дека поднеле тужба против компанијата „Ибар-Лепенац“ и дека судската постапка е во тек, но дека припадници на специјалните единици на косовската полиција со пушки упаднале во нивниот објект и најавиле негово уривање.

Јакшиќ наведува дека мотелот е изграден на нивни имот кој „Ибар-Лепенец го експроприрал“, при што, како што вели, им биле одземени вкупно осум хектари земјиште.

Тој додава дека се надевал оти сè ќе биде запрено до одлуката на судот.

„Меѓутоа, тие дојдоа и го прават ова што го прават. Ние сме немоќни. Ангажирани се адвокати. Сегашната ситуација на Косово е таква што трпиме терор. Ним исклучиво им пречи тоа што овде српските деца се собираат во зима, лето, пролет и во текот на целата година. Само тоа им пречи, а не нешто друго. Причината не е екологијата – тоа не е точно. Ова е чист притисок и прогон. Уште од изградбата на браната, сè се правеше за овде да нема Срби. Ние ќе се бориме, нема да си заминеме“, рече Јакшиќ.

Видеото може да го проследите на овој линк.