ПОПЛАВЕНИ СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, „ВИЛА ВОДНО“ И МИНИСТЕРСТВА – НА 112 ПРИМЕНИ НАД 9.000 ПОВИЦИ
По невремето со силен ветер и дожд што вчера ја зафати територијата на Македонија, преку единствениот број за итни повици 112 се примени над 9.000 повици од граѓани, соопшти утринава Ценатрот за управување со кризи (ЦУК). Според Министерството за внатрешни работи (МВР), во Скопје до 22 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.
Според прогнизата на Управата за хидрометеоролошки аботи, времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе има повремени врнежи од дожд и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер. Наместа ќе има услови за невреме со појава на град. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h). Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Во делови од котлината ќе има повремени врнежи од дожд и услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе биде стабилно, за за 24 јули прогнозата е променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, локално ќе има услови за појава на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во невремето вчера во Скопје се оштетени повеќе објекти државни објекти, меѓу кои објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
„Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на Меѓународниот аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина. Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти (шатори и помошни објекти), како и паднати дрвја без предизвикана материјална штета“, соопшти МВР.
Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје соопшти дека поради невремето причинета е голема материјална штета на кровот на базенот и нема да биде работи.
За Скопскиот Регион, како што велат од ЦУК, најмногу се пријавуваат паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други оштетувања. Пријавите се однесуваат на целата територија на Град Скопје, вклучувајќи ги сите општини.
На територијата на Тетово нема регистрирани потешки случаи кои барале итни интервенции. Евидентирани се помали материјални штети, а надлежните служби се на терен и ја следат состојбата. Состојбата е стабилна и под контрола.
Во Вардарскиот Регион се регистрирани последици од невремето, меѓу кои: паднати дрвја и гранки; оштетени кровни конструкции и настрешници; прекинати електрични кабли.
На терен се ангажирани противпожарните единици, јавните комунални претпријатија, полицијата и екипи на ЕВН. Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во електроснабдувањето поради оштетувања на електроенергетската инфраструктура. Во индустриската зона во Кавадарци, поради паднати електрични жици, предизвикан е пожар кој веднаш е локализиран.
Во Куманово регистрирани се повеќе пријави од граѓани за последици од невремето. Евидентирани се: паднати дрвја на повеќе локации, оштетени фасади и кровни конструкции, паднати кровови на објекти, оштетувања на електричната инфраструктура, паднати бандери и кабли. Регистрирани се и случаи на паднати дрвја врз возила со материјална штета. Сите пријави се проследени до надлежните служби.
На подрачјето кое го покрива РЦУК Битола, последици од невремето се регистрирани во дел од Прилепскиот Регион. Откорнат е лимен кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“. Вработените работат на расчистување на последиците.
