Ребалансот носи 46 милијарди денари за капитални инвестиции, вели Димитриеска-Кочоска

Македонија

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година не е резултат на финансиска криза, туку претставува развојна мерка со која се обезбедуваат средства за капитални инвестиции и редовно сервисирање на сите обврски на државата.

Во интервју за „Плусинфо“, таа посочи дека приходите во Буџетот се реализираат согласно очекувањата и дека јавните финансии се стабилни, додека ребалансот е направен поради променетите економски околности, новите законски обврски и потребата од дополнителни вложувања во приоритетни области.

Според министерката, со ребалансот ќе се обезбеди навремена исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и другите законски обврски, како и дополнителни средства за земјоделството, образованието, спортот, социјалната заштита и општините.

Најголемиот акцент, како што истакна, е ставен на капиталните инвестиции, кои со ребалансот достигнуваат околу 46 милијарди денари. Средствата ќе бидат насочени кон изградба на патишта, железници, енергетски проекти, здравствени установи, образовни објекти и комунална инфраструктура.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека Владата останува посветена на фискалната дисциплина и одговорното управување со јавниот долг, додавајќи дека во првата половина од годината се сервисирани повеќе од 60 милијарди денари по основ на главнина и околу 12 милијарди денари за камати.

Таа посочи и дека економските показатели се охрабрувачки, наведувајќи раст на бруто-домашниот производ од 3,1 проценти во првиот квартал, зголемени странски директни инвестиции и позитивни резултати во повеќе економски сектори, оценувајќи дека ребалансот ќе придонесе за продолжување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.