КРАЈ НА КАЗИНАТА ПОКРАЈ УЧИЛИШТАТА: Собранието даде зелено светло за нови строги правила за игрите на среќа
Собранието на Македонија го поддржа Предлог-законот за игрите на среќа, со 59 гласа „за“ и 9 „против“, со што се отвора патот за воведување на низа построги мерки во оваа област.
Според предложените законски измени, казината и објектите за игри на среќа повеќе нема да смеат да се наоѓаат на растојание помало од 500 метри од училиштата. Дополнително, се забранува рекламирање на излозите на коцкарниците, како и реклами со кои коцкањето се претставува како начин за личен успех и брза заработка.
Новините предвидуваат и задолжителна GPS-локација за секој апарат за игри на среќа, што ќе овозможи тековна контрола од страна на Управата за јавни приходи. Исто така, лиценците повеќе нема да можат да се мултиплицираат, се воведуваат нови финансиски давачки за отворање на уплатно-исплатни места, како и повисоки банкарски гаранции за приредувачите на игри на среќа.
Со законските измени се имплементираат и препораките на MONEYVAL на Советот на Европа, со цел зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Овие информации на својот Фејсбук-профил ги објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој ја поздрави поддршката за законските измени и нивното значење за заштита на младите и јавниот интерес.
