БРОЈКАТА Е ГОЛЕМА: Откриено колку точно македонски бебиња се родени во Германија во 2025 година

Дали Знаете, Македонија

Вкупниот број на македонски државјани регистрирани како странци кои живеат во Германија заклучно со декември минатата година изнесувал 161.120, што е за над 2.000 повеќе во однос на 2024 година кога овој број изнесувал 158.995, покажуваат податоците од Германскиот федерален завод за статистика.

Од 2015 до 2025 година, бројот на македонски државјани регистрирани како странци во Германија се зголемил за над 65.000.

Бранот на емиграција на граѓани на Република Македонија во Германија во 21 век е толку голем што доведе до тренд на раѓања на деца од Република Македонија на германска почва. Поточно, статистиката покажува дека само минатата година во Германија се родени 1.620 новороденчиња од „странци од Македонија“, објавува „Блумберг Адрија“ врз основа на податоци од Германскиот федерален завод за статистика.

Сè поголем број деца со потекло од Македонија се раѓаат во странство, претежно во Германија, што е уште еден показател за долгорочните последици од емиграцијата на работоспособното население.

Податоците покажуваат дека дијаспората продолжува да расте, додека домашната демографска слика се соочува со опаѓање на стапката на наталитет и континуирана емиграција на млади семејства. Германија останува една од најпосакуваните дестинации за граѓаните на Македонија кои бараат подобри економски можности, повисоки приходи и посигурна иднина за своите деца.

Илјадници граѓани на Македонија се преселија таму во последниве години, а некои од нив веќе основаат семејства и имаат деца, што придонесува за зголемување на бројот на деца родени во германски породилишта од родители со потекло од Македонија.