„Д фестивал“ во Штип — светски и локални ѕвезди, стејџ во чест на Панчо и гледање светско
Во автентичен и природен амбиент, сместен директно во просторот на фестивалскиот камп, „Д Камп“, поточно областа до реката Брегалница, се одржа официјалната прес-конференција по повод претстојното 16. по ред издание на „Д Фестивал“, кое по вторпат својот дом ќе му биде во Штип.
Организаторите, локалните власти и артистите ги соопштија клучните детали, изненадувања и комплетната програма за овогодинешното тридневно славење на музиката, уметноста и животот.
Прес-конференцијата ја отвори Катерина од продукција „Пасворд“, која им се заблагодари на присутните медиуми и официјално го најави претстојното издание на фестивалот. Таа со огромно задоволство истакна дека оваа година во Штип, „Д Фестивал“ ќе се одржува во својот полн капацитет, носејќи ги со себе сите карактеристични дополнителни активности, камп-содржини и алтернативни програми кои ја чинат препознатливата срж на овој настан.
Како вистински домаќин, прв збор доби градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој изрази искрена чест, задоволство и гордост што „Д Фестивал“ втора година по ред се одржува токму тука, нагласувајќи дека тоа е јасен доказ дека Штип е вистински град на културата, уметноста и фестивалите.
Јорданов додаде дека настанот претставува огромно летно освежување за целиот Источен регион. Покрај културната вредност и ширењето на уметноста, тој го потенцираше и големиот локален економски аспект, со оглед на тоа што градот во текот на трите фестивалски дена ќе прими илјадници посетители од земјата и од странство. Градоначалникот посака одлична забава, добро дружење и позитивна енергија, по што поради тековни обврски беше ослободен од пресот.
Во име на организаторите од продукција „Пасворд“, пред медиумите се обрати Огнен Стојаноски. Тој најпрво се извини за несекојдневниот, но целосно природен сетинг на пресот во природа, објаснувајќи дека тоа е околината каде тимот најдобро твори и го создава она што го нарекуваат „град во град“.
Инспирирани од големите европски фестивали како Glastonbury, Pohoda и Sziget, организаторите истакнаа дека фестивалот е многу повеќе од музика – тој е 72-часовен спој на сите уметности. Стојаноски ја соопшти и најголемата и најубава вест за оваа година, благодарение на поддршката од партнерите, влезот за целата музичка и културна програма на фестивалот ќе биде целосно бесплатен за сите посетители.
„Во услови кога културата се наоѓа во своевидна криза, од исклучителна важност е да направиме сѐ што е во наша моќ за да ја поддржиме новата македонска музика и домашните артисти, комбинирајќи ги со светскиот и балканскиот музички џет-сет”, истакна Стојаноски.
Беше појаснето дека бесплатниот влез ја опфаќа комплетната програма, додека билети ќе бидат потребни единствено за оние кои сакаат да престојуваат (спијат) во шатор во просторот на кампот.
Сите кои веќе купиле билети, ќе бидат контактирани од екипата на „МК тикетс“ за целосна рефундација на средствата.
