Бојкоски: Со заеднички идеи до нов лик на централниот плоштад во Битола

Македонија

Општина Битола денеска организираше граѓански форум посветен на уредувањето на плоштадот „Гоце Делчев“, на кој граѓаните имаа можност да ги изнесат своите мислења, предлози и согледувања за идниот изглед на централниот градски простор.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, истакна дека преку ваквиот пристап се овозможува директно учество на жителите во креирањето на решенија кои ќе го разубават и модернизираат плоштадот.

„Твоја идеја, наш плоштад“ е мотото на форумот, чија цел е да се дојде до најдоброто заедничко решение за уредување на просторот, со активно учество на граѓаните, нагласи Бојкоски.

Со планираната интервенција и воспоставување пешачка зона во центарот на Битола, се очекува намалување на сообраќајниот метеж, бучавата и загадувањето, како и создавање пријатен простор за одмор и секојдневен престој на граѓаните.