Невиден инцидент во Штип: Маскиран напаѓач со нож демолирал училиште – наставата денес прекината
Учениците од првата смена во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип изутрината беа вратени дома, откако вработените кога влегле во училиштето, наишле на слика како од хорор филмови. Поплавени се подовите, чешмите пуштени да течат, искршен инвентар, а по ѕидовите нацртани слики со непристојни пораки. Како што дознаваме, маскиран човек со нож бил забележан од камерите како се движи и го вандализира училиштето.
Увидна екипа во моментов е во училиштето, додека официјално не се соопштуваат информации до завршувањето на увидот.
ООУ „Ванчо Прќе“ е лоцирано во централното градско подрачје на Штип, во непосредна близина на општината, гимназијата и средното текстилно училиште, каде има фреквенција на луѓе. Последните месеци градот е под удар на вандалите, па редовно се споделуваат фотографии и видеа од уништен општински имот, искршени гардениери со цвеќиња, истурен смет од кантите за ѓубре и уништени реквизити на детските игралишта.
