Дел од банките решија предвреме да ги исплатат пензиите

Дали Знаете, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Четири банки информираа дека започна исплатата на пензиите за месец април 2026 година, а средствата веќе се достапни за пензионерите согласно банкарските процедури.

Алта банка АД Битола соопшти дека исплатата е реализирана на 29 април, при што средствата се достапни на платежните сметки на корисниците. Халкбанк АД Скопје информираше дека пензиите се достапни во сите филијали, на банкоматите, како и преку електронско и мобилно банкарство. Дел од пензионерите, доколку претходно дале согласност, пензијата можат да ја подигнат и во поштенските единици на Пошта на Северна Македонија.

Силк роуд банка, исто така, соопшти дека пензиите се исплатени и достапни за подигнување во експозитурите, на банкоматите и преку електронските услуги, како и за безготовинско плаќање во трговската мрежа.

Во меѓувреме, Комерцијална Банка најави дека исплатата на пензиите ќе започне од четврток, 30 април. Пензионерите кои користат дебитни картички ќе можат веднаш да располагаат со средствата, преку плаќања во продавници, онлајн или со подигнување готовина од банкомати, додека исплатата во филијалите и експозитурите ќе се одвива во текот на работните денови.