На кого да веруваме – Попоски и метеоролозите со спротивставени прогнози за времето во мај
По периодот на стабилно и топло пролетно време, најавите за временските услови во наредниот период носат различни сценарија, при што метеорологот Славчо Попоски и светските метеоролошки сервиси излегуваат со делумно спротивставени прогнози.
Попоски најавува значителна промена на времето, со продор на студен воздух од север кој ќе предизвика нагло заладување. Според него, промената се очекува веќе од ноќта кон вторник (20/21 април), кога температурите во Македонија и регионот би се намалиле за околу, па и повеќе од 10 степени.
„Продор на значително поладен воздух од север ќе ги спушти температурите во Македонија и поширокиот Балкан“, посочува Попоски, најавувајќи крај на топлиот бран кој го одбележа изминатиот период.
Од друга страна, долгорочните прогнози на светските метеоролошки сервиси укажуваат на поинаква слика за времето во мај – потопол, но нестабилен месец со чести врнежи.
Според прикажаните прогнози, последната недела од април ќе биде променлива, со температури од 18 до 23 степени и комбинација од сончеви периоди и врнежи од дожд, особено кон средината на неделата. Во првата недела од мај се очекува стабилизирање на температурите околу 22 до 24 степени, но со повремена облачност и врнежи, карактеристични за пролетниот период.
Втората недела од мај ќе донесе пооблачно и нестабилно време, со почести врнежи и температури околу 19 до 21 степен. Во третата недела се очекува постепено затоплување, со температури од 21 до 24 степени, но и натаму со можност за дожд и локални невремиња.
Кон крајот на месецот, односно во последната недела од мај, се очекуваат највисоките температури, кои ќе достигнуваат и до 26 степени, но времето и понатаму ќе остане променливо, со повремени врнежи.
Анализата покажува дека мај ќе биде динамичен месец, со чести промени на времето – сончеви периоди ќе се менуваат со облачност, дожд и локалнo невреме.
