Пандов:Убијците и силувачите на деца не заслужуваат доживотен затвор, треба да се врати смртната казна!
„Корумпиран полицаец треба да биде лоциран и избркан од работа. Во тој поглед има подобрување: имаме откриено затворски полицајци, што помагаат во шверц. За помалку од две години сме суспендирале сигурно над 30 затворски полицајци. Од нив дел се со обвиненија, а дел се веќе и осудени. Но има одредени затвори каде што тоа сѐ уште е голем проблем.“ – вели Александар Пандов, директорот на Управата за извршување на санкции, во интервју за порталот МКД.мк. Корупција, шверц, „затворски шерифи“ и систем што со години бил запуштен.
Што се случува навистина зад решетките во македонските затвори? Пандов отворено зборува за состојбите во македонските затвори, корупцијата, шверцот и предизвиците во ресоцијализацијата на осудените лица. Тој открива дека системот наследил сериозни проблеми, оти во затворите работеле и поранешни осуденици, но тврди дека тоа веќе го нема и дека се преземаат конкретни чекори за подобрување на затворскиот систем.
„Експрес.мк.“ ги пренесува покарактеристичните делови на ова интервју.
Затворите во Идризово и во Шутка, каде има поголем шверц?
Па во Идризово, но има подобрување во делот на шверцот. Ако ме прашате дали е задоволителна состојбата, секако не е. Има телефони и дрога, одговорно тврдам дека таму има затворски полицајци што не треба и не заслужуваат да ја носат таа униформа и на неа да стои затворска полиција и Македонија. Но работиме да ја подобриме состојбата. Минатата година за 6 месеци Интервентната единица при претресите најде 1.200 телефони во затворите низ државава. Во Хрватска 2023 година при огромен број претреси беа најдени 26 телефони.
А кој шефува со тој шверц, кој командува и кој ги држи тие полицајци за кои велите дека не ја заслужуваат униформата. Кој со кого соработува, директорите со полицијата, а таа со осудениците или?
Директорите се вмешани, но полицијата со осудените лица, сигурно и тоа е практика, која сме ја имале и претходно. Еве ако земате плата од 1.000 евра и по пат на корупција успеете да заработите уште толку, и вие се навикнувате на скапи одмори, на брзи и лесни пари, на добри превозни средства, на скапа гардероба.. И сега се променила власта и вие треба да се откажете од сето тоа.
Целото интервју може да го проследите на овој линк.
