СКАНДАЛ ВО ЗДРАВСТВОТО: ЖЕНА СО МОЗОЧЕН УДАР ВРАТЕНА ДОМА – СЕ СПАСИЛА ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ!

Изјави, Македонија, Хроника

Три дена неизвесност, препраќања од оддел до оддел и доцна поставена дијагноза – вака изгледала борбата на едно семејство низ македонскиот здравствен систем, според јавното сведоштво на Лидија Спиреска.

Случајот започнал на 17 март, кога нејзината 75-годишна мајка, која подолго време се соочува со висок крвен притисок, почувствувала влошување на состојбата. Наместо навремена и соодветна медицинска помош, семејството се соочило со, како што тврди Спиреска, серија пропусти и недоразбирања.

По првичната посета кај матичен лекар, каде што ѝ била дадена терапија со дијазепам, пациентката била упатена на кардиологија. Таму, по извршени испитувања, било констатирано дека „сè е во ред“, по што следувало препраќање на неврологија. И покрај симптомите како трнење на екстремитетите, според сведоштвото, пациентката била вратена дома.

Следниот ден состојбата значително се влошила. Во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, семејството било принудено самостојно да ја движи пациентката од еден до друг оддел. Кардиологија, ендокринологија и ревматологија – сите оддели, како што се наведува, не ја презеле одговорноста за случајот.

И покрај очигледното влошување, со губење на функцијата на левата страна од телото, пациентката повторно не добила соодветен третман. Во еден момент ѝ била поставена дијагноза дијабетична невропатија и била испратена дома.

Критичниот момент настапил истата вечер, кога состојбата драматично се влошила, по што пациентката била пренесена во ГОБ „8 Септември“. Таму, по неколкучасовно чекање и дополнителни одложувања, конечно било извршено снимање на мозокот.

Дијагнозата – мозочен инфаркт.

Според сведоштвото, семејството било соочено со тежок избор поради недостиг на соодветни услови за хоспитализација. Единствената опција што им била понудена била сместување во оддел со пациенти со тешки инфекции или да ја однесат пациентката дома.

Во обид да ја спасат, тие ја транспортирале во приватната болница „Аџибадем Систина“, каде што, како што наведува Спиреска, веднаш ѝ била укажана соодветна медицинска грижа. Пациентката моментално е стабилизирана и под третман.

Семејството најавува правна постапка и поднесување пријави до надлежните институции, со цел утврдување одговорност за, како што велат, сериозни пропусти во системот.

Овој случај повторно го отвора прашањето за функционалноста и координацијата во здравствениот систем, како и за навременото препознавање на итни состојби како мозочен удар.