ЈКП „Комуналец“ – Прилеп ги обнови корпите во Могилата на непобедените

Македонија

Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп изврши замена на старите корпи за отпадоци со нови во паркот кај Могилата на непобедените, еден од најпознатите културно-историски и рекреативни комплекси во градот.

Од претпријатието информираат дека оваа активност е дел од тековните напори за подобрување на хигиената и изгледот на јавните површини, особено во пресрет на пролетниот период кога паркот го посетуваат голем број граѓани, туристи и гости.

Могилата на непобедените претставува значаен симбол на Прилеп и омилено место за прошетки, спорт и рекреација, поради што од „Комуналец“ апелираат граѓаните да ги чуваат општите добра и да ги користат корпите за отпадоци.

 

Од претпријатието нагласуваат дека дури и мал отпад, како што е отпушок фрлен на земја, може да ја наруши убавината на овој важен простор.

„Чисто е убаво“, порачуваат од ЈКП „Комуналец“ и ги повикуваат граѓаните со заедничка грижа да придонесат за зачувување на уредниот изглед на паркот и околината.