Платите мизерни, нервите на крај: Работниците во земјава се подготвуваат за генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) алармира дека трпението на работниците е при крај и најавува протести кои, доколку барањата не бидат исполнети, може да прераснат и во генерален штрајк. Од синдикатот посочуваат дека незадоволството расте и дека работниците се подготвени своето револтно расположение да го искажат на улица.
Потпретседателот на Советот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, предупреди дека сценариото за генерален штрајк станува сè поизвесно. Претседателот на ССМ, во изјава за ТВ Телма, потврди дека точниот датум за почетокот на протестите ќе биде познат следната недела, по состанокот на највисоките органи на синдикатот.
Од ССМ веќе ги започнаа подготовките за протестите и упатија јасна порака до членството дека нема место за страв. Како што велат, само со заедничка борба може да се обезбедат достоинствени плати и заштита на работничките права.
Главната причина за најавените протести е големиот јаз меѓу платите и трошоците за живот, како и значителното заостанување на Македонија зад земјите од регионот. Додека соседните држави од јануари ја зголемија минималната плата на над 500 евра, во Македонија таа останува на 24.379 денари, односно околу 396 евра.
Според официјалните податоци, за едно семејство да не се смета за сиромашно потребни се најмалку 31.200 денари месечно, што значи дека минималната плата е за 6.821 денар пониска од прагот на сиромаштија. Тоа, според синдикатите, значи дека работникот кој зема минималец е официјално сиромашен. Дополнително загрижува податокот дека 33,3 проценти од вработените во земјава примаат плата пониска од 30.000 денари, што укажува дека третина од работниците не можат да ги покријат основните животни трошоци.
ССМ до Владата и работодавачите упати конкретни барања, меѓу кои се зголемување на минималната плата и линеарно зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, односно околу 100 евра.
Од синдикатот потенцираат дека одлуката за протест е донесена врз основа на волјата на членството. На последната анкета спроведена од ССМ, дури 99,5 проценти од работниците се изјасниле дека се подготвени да излезат на протести на почетокот на 2026 година доколку не дојде до покачување на платите. ССМ порачува дека ќе ја испочитува оваа одлука и дека борбата ќе продолжи сè додека не се обезбедат подобри услови за работниците.
