Македонија под снег – започнаа пообилните врнежи, еве каде е најкритично утрово

Времето денес, Македонија

Од ова утро 21 Јануари 2026 среда како што најавив во минатите мои метео објави од југозапад во Македонија се прошируваат пообилни врнежи кои се најмногу од снег и токму во Македонија започна формирање, зголемување и проширување на снежната покривка. Токму ова е поради влијанието на циклонската активност во Медитеранот и влажниот воздушен бран кој е поврзан со ладен воздух од север и од североисток на Европскиот Континент.

На метеоролошката карта можете да ги видите температурите ова утро измерени во Македонија до 4 часот. Може да се види дека насекаде имаме минусни температури и појава на мраз.

Првиот снег сезонава предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во Скопје, а голем дел од улиците утрово се непроодни или тешко проодни, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи.

Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.

Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата. Слична состојба се бележи и во Драчево и Пинтија, каде има долги колони и исклучително лизгави сообраќајници.

Дополнителни проблеми има и во јавниот превоз. Граѓанин преку Твитер сподели:

„Снег – преубаво, ама сабајлево одам на 7-мица на Трета македонска и гледам 200 луѓе чекаат повеќе од еден час. Среќен сепак, одам пеш до Железничка, нешто ќе ме однесе до кај Симпо.“

Граѓаните апелираат до надлежните служби за побрза интервенција, чистење и посипување на улиците, особено на мостовите и надвозниците, истакнувајќи дека поради снежните услови доцнат на своите работни места.

Во меѓувреме, се препорачува возачите да бидат крајно внимателни, да користат задолжителна зимска опрема и, доколку е можно, да ги одложат патувањата додека не се стабилизира состојбата на патиштата.