Прилеп се подготвува за Водици: Едно женско меѓу стотина учесници за Светиот крст
Околу 100 верници од Прилеп ќе учествуваат на традиционалното фрлање на Светиот крст во осветените води на Аква базенот во хотелот „Салида“ во понеделник на Богојавление – Водици. Меѓу пријавените, само едно учесничко е женско.
Во рамките на Општина Прилеп, над 500 верници ќе учествуваат на 20 локации за положување на Светиот крст. Покрај централниот настан, крстот ќе биде положен и во реките и базените во населенијата Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало и Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Утрото на Водици, во црквата „Св. Благовештение“, по пуштањето на гулабите во 6:30 часот и свечената божествена литургија, симболично ќе се фрли Светиот крст и во фонтаната во дворот на црквата околу 9:30 часот. Овој настан е наменет за дечиња до 13 години, кои ќе го извадат крстот од водата.
Градоначалникот Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации од Советот ќе присуствуваат на сите 20 локации. Локалната самоуправа обезбедила пригодни подароци за сите учесници, а компаниите „Зегин“ и „Евротип“ ќе доделат подароци за оние што први ќе го извадат Светиот крст во Прилеп.
