По три години од свеченоста, пропадна американско-кинеска инвестиција во Македонија

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

По повеќе од три години неуспешен обид да започне со производство, странската инвестиција ЈФА Аутомотив Сејфти Северна Македонија од почетокот на месецов е избришана по пат на ликвидација и повеќе не постои.

Инфлатори за воздушни перничиња со хибридна технологија требаше да се произведуваат во нова фабрика во ТИРЗ Скопје 1, како заедничка инвестиција од американската АРЦ Аутомотив и кинеската Јангфенг. Двете компании-основачи најавуваа влог во вредност од 30 милиони евра. Инвестицијата требаше да овозможи над 100 нови вработувања со плати над просекот, а производите да се извезуваат на европскиот пазар.

На посебна свеченост на крајот од 2022 од тогашната власт беше кажано дека оваа заедничка инвестиција на овие две светски познати компании ја прави Македонија „земја во која се произведува и од која се извезува високо квалитетна опрема, за светски познати брендови од автомобилската индустрија“
Голема кинеска компанија од сејфти индустријата за автомобили пред три и пол години влезе во земјата со заедничка инвестиција односно joint venture со постоечката компанија со американско потекло АРЦ Аутомотиве, која уште од 2015 година работи во земјава, во технолошко индустриската зона Бунарџик. Компанијата АРЦ Аутомотиве, пак, е американска инвестиција, овде постои од 2015 година и во моментов има околу 400 вработени. Нејзините производи се вградуваат во возилата на најголемите производители на автомобили, како што се Групацијата „Фолксваген“, БМВ и Фиат.

ЈФА Аутомотив Сејфти требаше да изгради нов погон во Бунарџик, кој ќе биде веднаш до сегашната фабрика на АРЦ Аутомотив. Една од причините за тоа беше да се искористат ресурсите со кои располага постоечката АРЦ Аутомотив. На свечесноста при отворањето присуствуваа заменик шефот на Мисијата на САД, Ерик Мајер, кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, како и првите луѓе на компаниите инвеститори.

„Кога направивме обиколка на погоните видов многу енергија и ентузијазам кај вработените во фабриката. Ова особено ме радува затоа што тие се моторот на економијата и без нивната посветена работа едноставно нема напредок. Поздрав и до тројца мои бивши колеги со кои во 2003 година работевме заедно и кога ќе ги видам тука знам дека оваа фабрика ќе биде успешна бидејќи се работи за тројца врвни менаџери. Добрите услови за работа, квалитетните инвестиции како оваа овде, посветеноста на зголемувањето на платите, но и добри услуги кои ги нуди државата, се предуслов за среќни и продуктивни работници”, рече тогашниот премиер Димитар Ковачевски при посетата.
„Јанфенг“ инаку е глобален автомобилски снабдувач, фокусиран на ентериер, екстериер, седишта, електроника во кокпитот и пасивна безбедност. Има повеќе од 240 производни локации и околлу 70.000 вработени низ целиот свет.